„Волшебниот свет на Хари Потер“ – ликовен, литературен и фото конкурс за основци и средношколци

„Волшебниот свет на Хари Потер“ е тема за новиот литературен, ликовен и фото-конкурс, на кој право на учество имаат сите ученици од основните и од средните училишта, како и сите фанови на овој серијал.

Конкурсот е отворен до 20 март 2022 година, а е организиран од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Пријавените на конкурсот ќе се натпреваруваат во неколку категории поделени по возраст, а најдобрите творби ќе бидат наградени. Победниците ќе бидат соопштени на почетокот на април 2022 година, а наградите ќе бидат врачени на посебен настан. Наградниот фонд се состои од дипломи, книги и подароци со ликовите од „Хари Потер“.

Сите заинтересирани своите дела треба да ги испратат на konkurs@arslamina.com, заедно со име, презиме, ментор, одделение/клас и училиште, како и поштенската адреса и телефонски контакт (од родител за помладите учесници).

„Во светски рамки во 2022 година се одбележуваат два значајни јубилеја поврзани со Хари Потер – 25 години од објавувањето на првата книга од серијалот „Хари Потер и каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг и 20 години од премиерата на истоимениот филм. По тој повод, „Арс Ламина“, се приклучува кон глобалното одбележување, а една од активностите е овој креативен конкурс“, велат од „Арс Ламина“.