Во Венецуела уапсени студентскиот лидер и опозициски пратеник

Опозицијата во Венецуела информираше дека пратеникот Хуан Рекусенс и неговата сестра Рафаела Рекусенс, која е лидер на студентите, биле синоќа уапсени во нивниот стан во Каракас, откако претседателот Николас Мадуро најави пресметка со противниците по неуспешниот атентат со дрон на митинг изминатиов викенд.

„Четиринаесет припадници на СЕБИН (разузнувачките служби на Венецуела) го киднапираа пратеникот Хуан Рекусенс и претседателката на Федерацијата на универзитетски центри, Рафаела Рекусенс“, напиша во твит партијата „Правда на прво место“ чиј претставник е 29-годишниот Хуан Рекусенс, пренесува Ројтерс.

Од Министерството за информации не одговориле на прашањата на агенцијата.

Групата „Војници во маички“, која е формирана за да го здружи „отпорот“ против Мадуро, презеде одговорност за нападот со дрон врз венецуелскиот претседател во саботата.

Зборот „отпор“ најчесто се поврзува со демонстрантите кои беа предводници на уличните протести во Венецуела во текот на 2017 година. Братот и сестрата Рекусенс беа меѓу младите луѓе кои ги предводеа протестите.

Во телевизиско обраќање во текот на вчерашниот ден, Мадуро прикажа видео од млад маж кој е притворен поради инцидентот со дронот во кое тој вели дека Рекусенс е вмешан во нападот.