Во Вашингтон живеат околу 200.000 мачки – првиот град кој ги преброи овие животни

Во Вашингтон живеат околу 200.000 мачки, а ова е откриено преку фотографии кои настанаа во склоп на програмата наречена „DC Cat Count“. Се работи за тригодишен напор на активистите за заштита на животните, како и на научниците за да ја попишат секоја мачка во градот, пренесува „Н1“.

Организаторите на проектот велат дека студијата дава соодветна проценка за големината на популацијата на мачки во градот.

Околу половина од мачките се домашни миленичиња. Другиот дел се состои од мачки кои имаат ограничен или никаков пристап до надворешни простори и мачки скитници, вели Тајлер Флокхарт, конзервациски биолог кој го води проектот.

„Мислам дека не постои друг див цицач или месојад што со таква густина живее во близина на луѓето. Навистина е интересно што имаме толку многу мачки на толку мала локација“, додаде тој.

За овој попис, истражувачите, меѓудругото разговарале со репрезентативен примерок на жители, ги анализирале податоците од засолништата за животни, тргнале по посебни рути по потрага по мачки и поставиле камери на повеќе од 1.500 локации.

„Тоа е веројатно најдеталната анализа на мачки во било кој град во светот“, рече Флокхарт.

Нивните камери снимиле и голем број други животни како верверички, ракуни, лисици, елени, па дури и еден рис.