Во урбаните средини во градинки одат 37%, а во руралните под 6% од децата

Градинките се доминатно фокусирани на згрижување на децата, а не и на едукација, нагласија денеска од Фондацијата „Чекор по чекор“, кои презентираа повеќе податоци, проблеми и предлози за предучилишното образование, воспитание и згрижување (ПОВЗ).

„Над 75% од децата доаѓаат од семејства каде двајцата родители работат, само 3% се деца на невработени родители, додека 1% деца на земјоделци. Имаме нерамномерен опфат во градинките, во урбаните средини одат 37,2% од децата, а во руралните под 6%. Нерамномерен е регионалниот опфат – од 80 општини, 28 не пријавиле дека имаат деца во системот за предучилишно образование“, рече денес Елена Мишиќ од „Чекор по чекор“, на завршната конференција од проектот „Зајакнување на улогата на граѓанското општество во осигурувањето рамноправност и квалитет во ПОВЗ“.

Опфатот, односно процентот на деца што одат во градинка во Источниот и Југозападниот регион се движи од 32%, а во Североистокот на земјава до 8%.

„Имаме нееднаквост на децата, за кои постоиме и работиме. Tаа нееднаквост се однесува до семејното потекло и состојба. 0,3% од најсиромашниот квинтил се опфатени за разлика од 56% од најбогатиот квинтил, значи имаме еден систем којшто е насочен кон финансирање на оние кои веќе се финансираат сами себеси“, забележа Мишиќ.

Претставничката од „Чекор по чекор“ потенцираше и за нерамномерност во етничката припадност, односно опфатот на деца Македонци е над 85%, а само 8% кај децата Албанци.

„Исто така, имаме неинклузивен систем, каде 0,5 % се деца со попреченост, а знаеме колку повеќе ги има во општеството. И имаме прашања на финансиска достапност – само 2% од децата се делумно или целосно субвениционирани од државата за пристап до предучилишно образование“, нагласи таа.

По консултации и дискусии со повеќе страни, „Чекор по чекор“ предложува да се вложува во нови капацитети, особено во руралните средини. Било со градење на нови градинки, било со прилагодување и проширување на постоечките капацитети.

Елена Мишиќ од „Чекор по чекор“, раководител на проектот „Зајакнување на улогата на граѓанското општество во осигурувањето рамноправност и квалитет во ПОВЗ“

Исто така, нужнo е зајакнување на граѓанскиот сектор, да може да прерасне на повисоко ниво, па по квалитет да биде рамноправен партнер и прифатен на државата како давател на услуги за ПОВЗ.

„Предложуваме воведување на посебни квоти на децата, за да можат да се работи во контекст на Конвенцијата на правата на децата. Задолжително е секоја градинка да биде отворена не само за најбогатите, туку и ги опслужи и најсиромашните слоеви. Потребно е подигање и на свеста на стручната јавност, граѓанскиот сектор и на политичарите за важноста на предучилишното образование, за развојот на детскиот мозок, раното учење итн“, рече Мишиќ.

Недоволно платен и образован кадар со преголеми групи во градинките 

Состојбата со кадарот ја нарече „навистина горливо прашање“. Односно, вели таа, на хартија имаме извонредно дефиниран систем, но„кога ќе влезете и зачепкате под површината, добивате друга слика“.

„Имаме дефинирани нормативи, стандарди и се’ ни е уредено, меѓутоа, ако погледнете дека 61% од вработените се со средно или помало образование, се поставува прашањето – колку ни е квалитетот важен? Кој ни е фокусот на системот? Една четвртина од вработените се воспитувачи, другите 40% се негуватели, 30% се административно, технички и готварски персонал. Дали имаме интерна ефикасност што води кон најдобри услуги на децата?“, праша Мишиќ.

Потенцираше дека земјава нема систем за континуиран професионален развој, нема стандарди за компетенција.

„Зборувам за состојбата во минатата година, знам дека многу се работи и ме радува… Сепак, имаме стручни служби и стручни соработници што е реткост на европско ниво, што е богатство, но е недоволно искористено за функционалност на установата и работата со родителите и децата. Недоволна е и стручната поддршка од институциите. Постои само еден советник за предучилишно образование“, нагласи таа.

Според Мишиќ, не се придржуваме, не ги применуваме стандардите и нормативите кои сами сме ги усвоиле. Ако пак се погледне бројот на деца по група, нагласува таа, ќе дојдеме до заклучок дека просечната оптовареност во јаслените групи е 16,3 деца на државно ниво, далеку над нормативите. За децата над две години, просечната оптовареност е 26%. Ова во превод значи, постојат групи со 10, но и еден куп групи со по 40 деца.

Завршна конференција на проектот во „Холидеј ин“

„Што е со прашањето за финанско наградување на персоналот? Извештајот на Светска банка вели  дека платите во предучилишниот сектор се 60% од воспитно-образовниот персонал во основните, и 55% од персоналот во средните училишта“, забележа таа.

Затоа, „Чекор по чекор“ предлага земјата да се придржува до стандардите. Ако сакаме повеќе деца во градинка, да има повеќе групи и поголем персонал. Исто така, да се воведе квалификувана негувателска професија.

„Еден од предлозите беше да се вратиме на стариот систем со медицинско-педагошка сестра или некаква стручна, почетна квалификација. Понатаму, да се воведе воспитувач во јаслените групи, бидејќи воспитната и образовната компонента е исклучиво важна, а ја немаме. Да се воведат двајца воспитувачи во поголемите групи, поради бројноста на децата и поради подобар сооднос. Целосно да се екипираат стручните служби. Катастрофална е состојбата со ваквите служби надвор од Скопје“, нагласи Мишиќ.

Она што го наведе како предлот е и алтернативни, образовни и кариерни патишта за оној персонал којшто сака да напредува, повеќе да учи, дури и академски да се надградува. Да се изедначат платите со основно образование, систем на професионален развој.

Ако се погледнат пошироките замисли на Европската унија, уште од 2009 година беше побарано до 2020 најмалку 95% од децата на возраст од четири години да влезат во градинка.

Бојан Шашевски