Во Турција се издадени налози за апсење на 42 новинари

Турската влада издаде налози за апсење на 42 новинари, поради сомневање дека биле вклучени во неуспешниот обид за воен пуч кој се случи на 15 јули. До сега, властите притворија и ставија под истрага околу 60 000 луѓе.

Според локалните медиуми, во листата со налози за апсење се наоѓаат и реномирани национални медиумски лица како коментаторката и поранешна пратеничка Назли Иличак.

До вчера, вкупно 13 165 луѓе се приведени поради сомневање дека се вклучени во обидот за државен удар, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Тој објасни дека 8 838 од уапсените се војници, 2 101 се судии и обвинители, 1 485 се полициски офицери, 52 се локални власти, а 689 се граѓани.

Дополнителни обвиненија беа издадени за 73 осомничени, вклучително и за муслиманскиот проповедник во САД Фетулах Ѓулен.

Осомничените се обвинуваат дека се поврзани со терористичката организација Фетулах, која наводно го организирала обидот за пуч.

Турското министерство за образование, пак, соопшти дека над 1500 образовни институции, кои наводно имале врски со Фетулах Ѓулен, ќе бидат затворени, меѓу кои приватни училишта и училишни домови, додека вкупно 21 000 наставници беа суспендирани.

Анкара, исто така, се подготува да ги обвини и националните компании кои се поврзани со Ѓулен, соопшти турскиот министер за царина и трговија Булент Туфенкчи.

„Компаниите кои ја спонзорираат терористичката организација Фетулах и обезбедуваат финансиска поддршка, ќе бидат идентификувани поединечно. Ќе се отвори истрага за нив. Тие ќе бидат затворени, или неопходни процедури ќе се применат на нив“, рече Туфенкчи.