Во тек е електронско пријавување за 5.496 слободни студентски легла

Рокот за електронско пријавување на редовните студенти од втора и повисоките студиски години за сместување во студентските домови во академската 2018/2019 година трае до 15 август, а за студентите од прва година ќе биде од 7 до 14 септември.

Според Конкурсот што го објави Министерството за образование и наука, во 11 студентски домови во Скопје, Битола, Охрид, Штип, Прилеп и Пробиштип, слободни се вкупно 5.496 легла.

Од нив, 1.103 легла се за тие што ќе се запишат во прва година на факултет, по уписот на крајот од месецов (прв уписен рок 30 и 31 август), а останатите 4.393 легла се за студенти од втора, трета четврта, петта и шеста студиска година.

Во Скопје најголем број легла има во домот „Стив Наумов“ – вкупно 1.359 во трите згради и во новите бараки.

Во „Пелагонија“ има 980, во студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде сместувањето ќе биде само во реновираните блокови А и Б, слободни легла има 608, во домот „Кузман Јосифовски-Питу“ 490 и во домот „Томе Стефановски-Сениќ“ ќе може да се сместат вкупно 577 редовни студенти.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Скопје (фотографија: Александар Затковски)

Во студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола слободни се 385 легла, во „Никола Карев“ во Охрид 231, во „Орде Чопела“ во Прилеп – 285, во студентскиот дом „Доне Божинов“ во Пробиштип има 130 легла и во четири студентски домови во Штип (еден државен и три приватни) има вкупно 451 легло за сместување студенти.

Студентите кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-страницата www.konkursi.mon.gov.mk.

Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски домови, доколку останат непополнети капацитети во одреден дом, електронското пополнување ќе продолжи до нивно пополнување, но најдоцна до 28 септември.

Условите, потребните документи, начинот и рокот на пријавување се содржани во Конкурсот за прием на студенти во студентските домови.