Во солидарност со бегалците, тврдината Кале ќе биде осветлена во сина боја

На Светскиот ден на бегалците, 20 јуни, тврдината Кале ќе биде осветлена во сина боја, во солидарност со овие луѓе.

На овој ден, светот се сеќава на тешкотиите на милионите бегалци кои се приморани да ги напуштат своите домови за да се спасат себе си и своите деца. Ова е и ден за подигање на јавната свест за придонесот што бегалците го даваат на општествата и на заедниците кои ги примаат ширум светот.

Осветлувањето на тврдината ќе трае до крајот на месецот.

Акцијата ја спроведуваат Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, со поддршка од Градот Скопје.

„Осветлувањето на тврдината Кале е своевиден симбол на солидарноста и поддршката кон бегалците – една од најранливите категории на луѓе на планетата, од кои половина се деца. Сината светлина исто така е потсетник на сите дела на солидарност кои македонските граѓани ги имаат покажано кон бегалците во текот на изминатите децении. Се надевам дека овој дух на солидарност ќе продолжи да живее кај нашите граѓани и ќе инспирира уште повеќе луѓе да ја изразат својата поддршка за бегалците. Ова е особено важно во време кога говорот на омраза и ксенофобијата создаваат вести. Сакаме да демонстрираме поинаков наратив – наратив на толеранција, на поврзаност, на заеднички вредности“, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

„Секоја година на овој ден повикуваме на солидарност со бегалците. Оваа година го покануваме секој човек, поединечно и колективно, да направи конкретни чекори за да покаже поддршка за луѓето кои немале друг избор освен да избегаат од своите домови. Личниот пример е најсилниот придонес што можеме да го дадеме за да изградиме подобро и поинклузивно општество во кое никој нема да биде изоставен“, изјави претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри.