Во Прилеп денес се одржува хуманитарна трка за лицата со церебрална парализа

Во централното градско подрачје на Прилеп денес од 19:30 часот се организира рекреативно донаторско трчање од 5 километри.

Целта на оваа трка, велат од Општина Прилеп, е преку рекреација и колективно дружење на бизнис секторот и локалните граѓаните да се соберат што е можно повеќе средства за лицата кои боледуваат од церебрална парализа.

На трката се пријавени повеќе од 1.000 учесници, а од нив 400 се од прилепската конфекција со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи-ангел“. За секој учесник во трката, Општина Прилеп обезбеди благодарници во замена за нивниот хуман гест. Котизацијата за учество е 100 денари.

„Сите собрани средства ќе бидат искористени за тековните трошоци и набавка на опрема и специјално возило за Дневниот центар за лица со церебрална парализа“, стои во најавата за настанот „Трчаме заедно за лицата со церебрална парализа“.

Дневниот центар треба да биде отворен во јули.

После Скопје, Прилеп ќе биде втор град во државата кој што ќе отвори ваков центар, со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници.

Хуманитарниот настан е во организација на Општина Прилеп, „ГЕНТЕРМ Македонија“,  „Комфи Ангел“  и Регионалната канцеларија на  Стопанската комора.