Во пожарот кај Велес изгореа 400 хектари шума и трева, граѓани со иницијатива да се засадат дрвја

По повеќечасовно дивеење на огнената стихија, доцна синоќа, околу 22:30 часот е изгаснат големиот шумски пожар над велешкото Езеро Младост.

Изгорена е голема површина на борова шума од околу 200 хектари,а проценките се дека од огнената стихија биле зафатени вклупно околу 400 хектари шума и трева.

Во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари од Велес, Свети Николе, Штип, Кавадарци, Неготино и Скопје, припадници на армијата, два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден армиски хеликоптер, а помош пристигна и од вработените во шумските претпријатија.

Според првичните информации на МВР, четири лица од градежна фирма од Велес, кои извршувале градежни работи со брусалица, се приведени во СВР Велес под сомнение дека го предизвикале пожарот.

Пожарот ги вознемири граѓаните, кои преку социјалните мрежи почнаа да се организираат во иницијатива за повторно засадување на изгорената шума.

„Почитувани сограѓани и пријатели, исправени сме пред голем предизвик во нашиот град. Пожарот изгоре голем дел од шумата во нашата околина. Штетата засега е непроценлива и неповратно направена. Не е време за препукувања, ни за ширење дефетизам, ни за фрлање клетви, ни за плачење. Идејата ми е дека мораме да се организираме и да го пошумиме Велес и околните (голи) ридишта и да го обновиме изгубеното од пожарите. За таа цел има многу планирање, организација, трчање, тропање по врати и многу работа. Не сум експерт за пошумување ниту за тоа каков тип на насади најмногу би успеал, ниту кога се садат. Ама верувам дека можеме да се организираме, а за оперативниот дел сите можеме да фатиме по една лопата, сигурен сум дека ќе добиеме поддршка и од други градови“, напиша Зоран Николов на својот Фејсбук профил.

Тој за Радио МОФ вели дека за многу кратко време многумина се пријавиле да учествуваат во иницијативата.

„ Да се координираме со општинските власти, да добиеме насоки за активности, да издејствуваме садници (багреми на пример), ако треба и на повисоко ниво ќе алармираме, ќе побараме поддршка од државата, а најголемата поддршка ќе ни треба за самото насадување од граѓаните. Се работи за чист воздух, за квалитетот на нашето живеење, за нашите деца и идните поколенија. Ве молам споделете за да ја рашириме оваа идеја, а за конкретни мерки и чекори ќе објавиме дополнително. Со почит кон сите вас и со љубов кон природата“, се вели во неговиот апел.

Огнот избувна околу 11,40 на влезот во Велес од правец на Скопје, потоа се префрли кон Езеро Младост и автопатот Велес – Скопје, па се спушти до автопатот Скопје – Велес кај наплатна рампа Сопот.