Во Нови Сад приведена па ослободена новинарка поради „ширење паника“ за коронавирусот

Полицијата вчера ја привела новинарката на порталот Нова.рс, Ана Лалиќ, поради нејзиниот текст „Клинички центар Војводина пред колапс: Без заштита за медицинските сестри“ и ѝ бил одреден притвор од 48 часа поради сомнение дека сторила кривично дело „објава на текстови кои поттикнуваат паника и нереди“.

По силниот притисок на домашната и меѓународната јавност, утрово новинарката е пуштена од притвор, пренесе Нова.рс.

Во нејзиниот текст, Лалиќ цитира неколку анонимни медицински лица од клиничкиот центар кои апелираат дека немаат доволно маски и заштитна опрема за нормално вршење на работата и дека тоа предизвикува големи проблеми во функционирањето на медицинскиот персонал.

Од Клиничкиот центар на Војводина по објавата на текстот ја пријавиле новинарката со образложение дека таа „ја вознемирила јавноста и наштетила на угледот на здравствената установа“ во ситуација на пандемијата со коронавирусот.

Лалиќ на овие наводи реагираше објаснувајќи дека угледот на Клиничкиот центар во Војводина бил нарушен, но не од неа, туку од нивниот третман на медицинските работници.

„Угледот навистина ви е нарушен со тоа што, наместо да барате заштита на сопствената професија од политиканство, подржувате и учествувате во лицемерство и владејачката замена на тези дека граѓаните се виновни што имаме најмал број заразени во регионот, а најмногу смртни случаи. Угледот ви е нарушен затоа што не стоите зад своите дипломи и не кажувате она што големиот број ваши колеги низ цела Европа го говорат: Во проблеми сме. Немаме заштитни средства. Немаме доволно медицински персонал. Ни треба помош!“, рекла Лазиќ синоќа.

На ослободувањето на Лалиќ претходеше изјавата на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која соопшти дека Владата во теков на денешниот ден ќе ја повлече одлуката со која се воспостави посебен режим на информирање во време на пандемијата на коронавирусот.

„Ќе апелирам да нема приведувања, дури и за луѓето кои говорат лаги. Нека секој си ја врши својата работаč, а Владата ќе обрне повеќе внимание на тоа да ги разбие тие лаги“, рече Брнабиќ.