Во Франција пораст од 30% на случаите на семејно насилство за време на изолацијата

Министерот за внатрешни работи на Франција, Кристоф Кастане, соопшти дека додека трае изолацијата поради коронавирусот, бројот на пријавени случаи на домашно насилство во земјата пораснал за повеќе од 30 проценти.

Само во Париз бројот на случаи пораснал за 36 проценти, пренесува Еуроњуз.

Според вонредната здравствена ситуација, која државата ја стави во изолација, граѓаните последниве 11 дена се со рестрикции во движењето, а забраната за напуштање на домовите е продолжена до 15 април.

Франција веќе има една од највисоките стапки на семејно насилство во Европа. Секоја година, во просек 219.000 жени на возраст од 18 до 75 години се соочуваат со физичко или сексуално насилство од моменталниот или бившиот партнер, но само 20% од нив го пријавуваат тоа.

Според официјалните бројки, секои три дена по една жена е убивана од нејзиниот сегашен или поранешен партнер.

Кастане изјавил дека владата ќе воведе нови мерки со кои ќе се овозможи на луѓето кои се соочуваат со семејно насилство да можат да го пријават тоа и во оваа ситуација на изолација.

Тој додал дека ќе биде развиен систем на шифри за жртвите на семејно насилство чии насилни партнери ги придружуваат во посета на аптеки. Таков систем за пријавување веќе има воспоставено Шпанија.