Во Европа секојдневно се регистрираат повеќе од 300 пријави поради кршење на заштита на податоци

Вкупно 272.5 милиони евра се изречени како казни за широкиот спектар на прекршувања на строгите европски закони за заштита на податоци, покажува новиот извештај на интернационалната адвокатска фирма „ДЛА Пипер“, пренесува „Н1“.

Како што се наведува таму, во водство тука е италијанскиот регулатор, кој изрекол казни од вкупно 69.3 милиони евра од 25 мај 2018 година, кога започна примената на Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР).

На второто место е Германија, која изрекла парични казни во висина од 69.1 милион евра, додека на трето место е Франција со 54.4 милиони евра.

Вкупно, од мај 2018 година, како што се наведува, регистрирани се повеќе од 281.000 пријави до регулаторите поради кршење на заштитата за податоци. Најмногу се регистрирани во Германија, односно, 77.474, потоа во Холандија, каде се регистрирани 66.527 пријави и Велика Британија, каде се регистрирани 30.536 пријави.

Коментирајќи го извештајот, Рос Мекин од „ДЛА Пипер“, меѓудругото, рече дека европските регулатори покажале подготвеност да ги искористат своите извршни овластувања. Исто така, тој посочи дека некои од нив ги усвоиле и исклучително строгите толкувања на ГДПР, создавајќи „сцена за тешки правни битки во наредните години“.

„Сепак, видовме и дека регулаторите во 2020 година покажаа одреден степен на пропустливост за време на пандемијата, а некои казни се намалени поради финансиски потешкотии“, предупреди Мекин.

Извештајот на тимот на „ДЛА Пипер“ за сајбер безбедност и заштита на податоците опфати 27 членки на ЕУ, но тука беа вклучени и Велика Британијиа, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.