Во борба против ХИВ Франција ќе ги покрива трошоците за кондоми препишани од доктор

Франција целосно ќе ги покрива трошоците за кондоми доколку се препишани од доктор, преку нова мерка која треба да го спречи ширењето на ХИВ и СИДА, соопшти министерката за здравство.

Мерката ќе почне да се применува од 10-ти декември, а средствата ќе бидат покриени од францускиот социјален систем.

„Знаеме дека секоја година имаме околу 6 илјади нови ХИВ-позитивни случаи, особено меѓу младите луѓе – 800 до 1.000 нови случаи има меѓу лицата под 25 години – кои најчесто користат кондоми при првото сексуално искуство но не и во следните“, изјавила министерката Агнеш Бузин за француското Интер радио, пренесува Еуроњуз.

Мерката, која доаѓа само неколку дена пред Светскиот ден за борба против СИДА на 1-ви декември, треба да ја „засили борбата против сексуално преносливите болести“, соопштуваат од француското министерство за здравство.

Покривањето на трошоците ќе биде само за еден бренд на кондоми, кој сè уште не е јавно објавен.