Во Битола се отвора Младински центар

Поддржување на личниот и социјален развој на младите преку организирана и структурирана поддршка насочена кон зајакнување на нивните лични и социјални способности, нивната самодоверба и позитивната претстава за себе си, како и потенцирање на важноста на заедничкото живеење со другите врсници од Битола.

Ова ќе бидат основните задачи на Младинскиот Центар Битола (МЦБ), кој на 25 мај (четврток) ќе биде отворен во Битола на локација на поранешниот „Бизнис инкубатор“ во МЗ „Велко Влаховиќ“ на улицата „Крушево“ бр.5.

Младинскиот Центар Битола е поддржан од Општина Битола и раководен од Сфера Интернешнал, ИМКА и МКЦ Битола.

На настанот свој говор ќе одржат претставници од Општината, како и здруженијата на граѓани и младинските работници кои ќе го раководат младинскиот центар во следниот период.

„Центарот ќе обезбедува безбедна, отворена и поттикнувачка средина во која нашите млади ќе може да се собираат, учат и растат во атмосфера на креативност, поддршка и инклузивност. Центарот ќе понуди неколку типови на програмски активности во кои младите ќе може да се вклучуваат по свој избор на различни теми како: екологија, младинско учество, волонтеризам, рекреација и спорт, креативно изразување, личен раст и развој, претприемништво, интернационални можности за неформално образование“, велат од Центарот.

Тие посочуваат дека Центарот ќе биде координиран од два младински работници кои  имаат поминато соодветната обука за занимање – Работник со млади, одобрена од ЈУ „Центар за образование за возрасните“.

„Оваа обука, како и подготвителните активности за започнување на работата на овој Центар беа координирани и помагани од Сојузот за Младинска Работа во изминативе неколку години наназад“, посочуваат од Центарот.