Властите во Ница лути – граѓаните на Фејсбук известуваат за контролите во јавниот превоз

Градските власти на Ница упатија критики за отворањето страници на Фејсбук во кои граѓаните едни на други се известуваат каде се контролорите во јавниот превоз, јавуваат француски Фигаро.

Фигаро наведува дека градските власти тоа го сметаат за измама, додека активистите негираат и потенцираат дека сакаат да направат солидарност меѓу граѓаните.

Минатата година неколкумина граѓани формираа на Фејсбук страна на која се известува каде се контролорите во автобустите и трамваите. На страницата Солидарност за оние без билети, сограѓаните се повикуваат преку мобилни да известат на којалинија виделе контролори.

„Наша цел е да им овозможиме на оние кои немаат пари ни за билет да избегнат казна која е од 32 евра. Ако знаат тој ден дека има многу контролори тогаш ќе избегнуваат или ќе соберат пари за билет“, вели еден од основачите на страницата на ФБ.

Тој вели дека во прашање е движење за солидарност, а не поттикнување измама. Потсетува дека некои пензионери имаат бесплатен превоз и оти тоа треба да се овозможи за студенти и за невработени.