Владата со осуда за нападите врз новинари на вчерашниот протест за „Монструм“

Владата на Република Северна Македонија во соопштение до јавноста вели дека најостро ги осудува нападите врз новинарите што случија за време на протестите после судските одлуки во случајот „Монструм“.

Вчера за време на демонстрациите беше нападнат камерман на новинската агенција МИА, а новинар на весникот Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека, кои го принудиле да го избрише снимениот материјал од настаните.

„Во демократски општества секој има право на изразување незадоволство, но насилничките инциденти се неприфатливи и недозволиви. Поаѓајќи од својот јасен став за нула толеранција за ваквите инциденти, Владата укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, ќе биде најостро осуден и санкциониран и дека сите институции во државата, како и обвинителството и судовите, треба да постапуваат максимално брзо и професионално за било кој напад или закана против медиумските работници“, велат од Владата.

Вчера осуда за инцидентите пристигна и од Здружението на новинарите на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници кои побараа итно да се пронајдат и казнат насилниците во врска со нападите.