Владата најави соработка со средношколците за подобрување на моделот на образование во пандемија

Делегација од Сојузот на средношколците денеска беше примена во Владата каде беа детално запознаени со владината одлука за моделот по кој ќе се организира наставата во основното и средното образование во услови на Ковид – 19. Од Владата најавија дека ќе соработуваат со средношколците за усовршување и најдобра имплементација на моделот на наставата.

„Моделот за комбинирано организирање на наставата онлајн со алатки за интернет комуникација и со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение во основното образование и со одредени други исклучоци каде што тоа е безбедно од здравствен аспект, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците.

Премиерот Спасовски, вицепремиерката Царовска и министрите за образование и за здравство Адеми и Филипче ја прифатија сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците. Исто така министерот за здравство Филипче ги покани средношколците да присуствуваат на состанок на Комисија за заразни болести на кој детално ќе се запознаат со состојбата со КОВИД-19, но и за мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје“, стои во владиното соопштение по средбата.

На средбата присутни беа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за образование, Арбер Адеми, министерот за здравство, Венко Филипче и заменик-министерката за образование, Елизабета Наумоска.

Изминатата недела, од Сојузот на средношколци реагираа дека средношколците биле исклучени од процесот на носење на одлуката за тоа како да продолжи наставата од септември, во услови на пандемија. Исто така,  незадоволни од реализацијата на наставниот модел за учебната 2020/2021 година, Сојузот на средношколци најави можни протести и бојкот на наставата.

Како што изјави вчера за Радио МОФ, Бленди Ходаи, пресседател на Сојузот, тие се залагаат за комбиниран модел на настава, каде што наставата ќе може да тече физички, а онаму каде што има голем број на заразени од ковид-19, наставата ќе се одржува онлајн. Тој дополни дека предлогот за оние училишта кои се наоѓаат во средина на ситуацијата е да ги поделат своите паралелки на половина и во смени.

„Нашиот глас веќе долго време не е слушнат. Родителите нè игнорираат, МОН исто така. Ние им ги испраќаме нашите предлози и протоколи, тие не даваат никаква повратна информација. Доколку ги присилат сите средношколци во нешто, без притоа нив да ги консултираат, јасно е дека ќе покажеме револт и ќе се бориме за нашиот глас“, изјави вчера Ходаи.

За утре е најавен и состанок онлајн состанок на средношколските претставници од седумнаесет градови од државата, на кој ќе се донесе одлуката на средношколците за нивните понатамошни активности.  Состанокот ќе се одржи со претставници од  Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Кочани, Свети Николе, Кавадарци, Струмица и Гевгелија.