Владата ќе се консултира со граѓанскиот сектор за гасоводот на Водно

По бурните реакции на 10 граѓански иницијативи против гасоводната траса што минува низ Водно, Владата реши да ги вклучи во процесот на одлучување.

Портпаролот Биле Бошњаковски, соопшти дека претставници од иницијативата „Спас за Водно“ заедно со претставници на надлежните институции ќе се сретнат на работен состанок, иако не откри кога ќе се одржи.

„Владата на Република Македонија смета дека консултацијата со граѓанскиот сектор во врска со активностите за гасификација и за заштита на животната средина како две меѓусебно поврзани области е особено важна и корисна. Затоа, во периодот што следува претставници на релевантните институции за овие прашања ќе одржат работен состанок со претставници на иницијативата ‘Спас за Водно’“, рече Бошњаковски.

Од граѓанскиот сектор побараа да бидат вклучени во работната група, во која веќе учествуваат Министерството за транспорт и врски, АД „Македонски енергетски ресурси“ и од Град Скопје. Тие бараат да се изнајде соодветно решение за гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар поради кој почна ново „делкање“ на парк-шумата Водно.

Владата иако ги задолжи членовите на работната група во најкус можен рок да најдат заедничко прифатливо решение, оттогаш поминаа три недели.

Граѓански иницијативи се здружија: Итно да бидеме вклучени во одлуките за Водно!