Владата ќе му предложи на Собранието да ја продолжи кризната состојба до 30 јуни

Владата на Република Северна Македонија на денешната 25-та седница го усвои предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди текстот на предлог-одлуката со која му се предлага на Собранието да одобри продолжување продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 30 јуни 2021 година, информираат од Владата.

Претходно, на 20 ноември, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба, откако Советот за безбедност препорача таква мерка.

Во меѓувреме, од Владата информираат дека на денешната седница било прифатено мислењето на Комисијата за заразни болести дека скијачките центри може да работат согласно соодветен протокол со пропишани превентивни мерки во услови на пандемија, имајќи предвид, како што стои во соопштението, дека скијачките центри не располагаат со затворени гондоли на жичарите.

„Владата ги прифати и препораките на Комисијата во однос на Протоколот за безбедносни мерки КОВИД-19 за Ски Центри во Република Северна Македонија за измени во однос на обезбедување на редарска служба пред билетарите и ски лифтовите, задолжително обезбедување на физичко растојание од 1,5 – 2 метри и пред билетарите (како пред жичарите и ски лифтовите), ограничување на работа на угостителските објекти на терените само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба“, стои во владиното соопштение.

Досега со Ковид-19 во земјава, од почетокот на епидемијата се заразени вкупно 61.878 лица, додека бројот на активни случаи се искачи на 21.169.