Владата ќе го одврзе кесето за доизградба на школото „Димитар Македонски“, откако пропадна тендерот

Откако пропадна тендерот за довршување на изградбата на основното училиште „Димитар Македонски“ во Лисиче, Владата на вчерашната седница даде согласност Министерството за образование и наука, да отпочне нова постапката за јавна набавка во вкупна вредност од околку 58.788.000,00 денари, или нешто под милион евра.

Тендерот, како што претходно појаснија од Министерството за образование за Радио МОФ, бил поништен поради скапите понуди.

„Постапката за избор на компанија за довршување на градежните активности за изградба на објектот на ОУ „Димитар Македонски“ е поништена поради тоа што пристигнатите понуди ја надминаа проценетата вредност на инвестицијата. Информацијата е проследена до Влада од каде очекуваме согласност за повторно објавување на постапка за јавна набавка за избор на компанија која ќе ги доврши градежните активности“, одговорија од МОН.  

Довршувањето на изградбата на новото училиште, во кое треба да се преселат учениците кои учат во дотраени бараки изградени во 60-тите, е запрена скоро две години.  Прво се доцнеше со распишување на тендерот од страна на МОН, а оправдување се најде во претседателските избори. На 5 мај се оконча и тој процес, но тендер за градежни работи за довршување на основното училиште беше распишан на 12 август, за да биде поништен пред еден месец.

Родители ги крпат дотраените училници, учениците од „Димитар Македонски“ и годинава ќе учат во старите бараки

Претходно, компанијата која го доби тендерот за градба на ова училиште, работата ја запре при крајот. Од МОН тврдат дека изведувачот не ги испочитувал временските рокови за реализација на активностите според договорот, по што Министерството ја активирало банкарската гаранција и договорот бил раскинат.

Најавите за изградба на ново училиште траат цела деценија. Конечно, пред последните локални избори во 2017 година, од Општина Аеродром, на чија територија е училиштето, најавија дека на местото на старите бараки, во две фази, ќе се гради нов модерен објект за 1.000 ученици. Две години подоцна, новиот објект уште се гради, а стотици ученици учат во субстандардни услови, во монтажни бараки изградени по скопскиот земјотрес, како донација од Француската влада.