Владата ја објави ранг листата со сите 549 невладини што аплицирале за проекти за Ковид -19

Во инклузивен и транспарентен процес Владата на Република Северна Македонија со одлука за распределба на финансиски средства обезбеди финансиска поддршка на здруженија и фондации за реализација на мерки за справување со КОВИД-19. На овој начин се доделија средства за реализација на 40 проекти на здруженија и фондации, во вкупна вредност од 29.519.495 денари, соопштија денеска од Владата, откако на нивна адреса стигнаа бројни критики за распределбата на овие средства.

Со цел да докажат дека скоро 500 000 евра се доделени транспарентно, од Влада ја испратија и ранг листата на сите проекти, повеќе од 500, кои аплицираа на повикот.

Од Влада појаснуваат дека Комисијата за распределба на финансиските средства ја сочинувале пет членови кои доаѓаат од Владата, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација (претседател), Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата за координација со економските ресори, Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, министер за образование и наука и Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.

Дополнително, со цел зголемување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на процесот на распределба, во составот на Комисијата се именувани и два члена на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, односно Уранија Пировска и Јане Чаловски.

„На овој начин, за првпат во Комисијата членови од граѓанскиот сектор имаа рамноправна улога и еднаква позиција во носењето на одлука за избор на проектите кои беа финансиски поддржани. Овие членови, беа избрани на предлог на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор“, посочуваат од Влада

Притоа, додаваат дека Комисијата формирала Оперативно тело во кое членуваат претставници од институциите чии раководители се дел од Комисијата, кои биле задолжени за оценување на апликациите.

„Имајќи го во предвид големиот број на пристигнати апликации – 549, од една страна, и кратките рокови од друга, во секоја од овие институции беа ангажирани дополнително уште дваесеттина лица кои помагаа при оценувањето.Комисијата за распределба на финансиски средства, иако свесна за кратките рокови, сепак поради потребата да му се помогне на граѓанскиот сектор и да се поддржат проекти кои придонесуваат за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, одлучи да го објави повикот. Внимателно беа избрани областите во кои се изработени проектите, со цел да се помогне на најпогодените и ранливи категории на граѓани. Другата опција беше воопшто да не обезбедеше помош“, велат од Влада.

По објавата на листата на организации кои ќе добијат владини средства, стигнаа повеќе рекации од здруженијата кои беа одбиени.

Од Фондацијата Импакт Нет побараа да се поништи одлуката за доделување на финансии и да се назначи нова комисија која ќе одлучува повторно на соодветен начин. Од Здружението Новинари за човекови права,  реагираат што во оценувачите на проектите кои се наменети за справување со пандемијата од Ковид-19 нема оценувачи од Министерството за здравство.

Организации бараат да се поништи владината одлука за доделување средства на организации

Од Советот за етика во медиумите пак преку соопштение информираа дека отстапуваат од грантот. Од СЕММ, како што се посочува, испратиле официјален допис до Генералниот секретаријат на Владата на 14 јуни, уште пред официјалното објавување на информацијата за доделените средства на здруженијата на граѓани.

Велат дека поради закажаните парламентарни избори во државата, непосредно по завршувањето на конкурсот за доделување финансиска помош, одлучиле сиот свој потенцијал да го насочат кон активно следење на состојбите во медиумската сфера и набљудување на степенот на почитување на слободата на изразување, што е приоритетна сфера на делување на нашата организација.

Од тие причини, наведуваат дека во овој момент треба да останат настрана од оваа акција за финансиска поддршка на дел од невладиниот сектор во рамките на настојувањата за борба против коронавирусот.

Ранг листата на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за поддршка на здруженија и фондации на сите апликации наменети за справување со КОВИД-19 може да се види ТУКА.