Владата и понатаму ќе набавува вода во пластика – од безбедносни причини

Тендер за набавка на вода во пластични шишиња беше објавен денеска иако Владата ја прифати иницијативата на Министерството за животна средина за престанок на набавки на пластика за еднократна употреба и пластична амбалажа во државните институции.

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија денеска (17 јануари) објави оглас за набавка на „минерални води (газирани и негазирани), овошни сокови и ладни чаеви. Во дел од набавката, од службата бараат и 63.000 парчиња „ниско минерална природно изворска вода негазирана во ПЕТ амбалажа и оргинално пакување од 0,330л“. Покрај тоа, се бара понудувач и за 19.200 парчиња „ниско минерална природно изворска вода газирана во ПЕТ амбалажа и оргинално пакување од 0,330л“. Меѓудругото,  јавната набавка предвидува и 50 парчиња природно изворска негазирана вода во ПВЦ амбалажа во галони од 19 литри.

Од Владата за Радио МОФ велат дека и понатаму ќе употребуваат вода во пластика, поради теренски активности.

„Новата набавка на пијалаци е иста како и количините коишто се набавувале и претходните години, само што сега 70 отсто од пијалаците се набавуваат во стаклена амбалажа, а останатите во пластична, картонска и лимена амбалажа. Дел од пијалаците и понатаму се набавуваат во пластична амбалажа, бидејќи ќе се користат за теренски активности за потребите на Владата, претседателот на Република Северна Македонија и Собранието. При теренски активности стаклените амбалажи не се соодветни од безбедносни причини,“ велат од Влада.

Владата на својата редовна 171 седница што се одржа во Куманово лани во декември,  ја разгледа и ја усвои Информацијата за престанок на користење на пластична амбалажа во органите на државната управа.

„Со ова, ја задолжи Службата за општи работи и услуги при набавките за потребите на Претседателот, Владата, министерствата и органите во состав, секретаријатот и други стручни служби на Владата и Уставниот суд на Република Северна Македонија, да не набавува вода и други пијалаци во пластична амбалажа, како и пакувања на шеќер, пластични лажички за мешање на кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба“, соопштија тогаш од Влада.

Мартин Колоски