Владата го враќа рамниот данок за кој претходно тврдеше дека им користи само на најбогатите

Примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување на 36 месеци. Во овој период, доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти, соопштија од Министерството за финансии.

Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.

„Владата верува во праведно општество и верува во придобивките на прогресивниот данок на доход. Владата останува на ставот дека прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во  системот, дека може да даде добри општествени ефекти и да резултира со поправедно и поразвиено општество. За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите кај сите нас. Затоа, не станува збор за укинување на прогресивниот данок, туку за ставање во мирување“, рече Ангеловска.

Освен ова, од Министерството за финансии информираа и дека од први јануари нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност, а ќе се одложи и примената на данок на камати од депозити.

Поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, кога Владата го најавуваше прогресивниот данок, тврдеше дека тоа е праведен данок за подобар социјален систем.

„Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани“, изјави Тевдовски пред една година.

Радио МОФ за воведувањето на прогресивниот данок на дохот подетално известуваше во подкастот „Што е муабетот со…“ на почетоков на годинава.

[Подкаст] Што е муабетот со новиот данок на доход?