Владата ги усвои предлог законот за основното образование и законот за наставниците

На предлог на Министерството за образование и наука, на последната владина седница се усвоени текстот на Предлог-законот за основното образование, како и Предлог – закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта.

Како што велат од Влада, донесување на нов Закон за основното образование е со цел за квалитетно уредување на условите и постапката за основање, статусните промени и престанок на основните училишта, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на основното образование, уредување на воспитно образовната дејност на основното образование, управување, развој и финансирање на основното образование, правата и обврските на учениците, родителите, наставниот и друг кадар во основното образование, уредување на правата на учениците со посебни образовни потреби и надзорот над работата на основните училишта.

Во новиот предлог закон е вклучена и сеопфатна стратегија насочена кон инклузивен образовен систем за сите ученици со попречености.

Предлог – законот за наставниците и стручни соработници во основните и средните училишта има цел да се обезбеди услови за постојано професионално усовршување на наставниците и стручните соработници како и овозможување на нивен кариерен развој за целиот работен век на наставниците и стручните соработници. Од Влада посочуваат дека со овој предлог закон преку професионалниот и кариерниот развој на наставниците и стручните соработници ќе се зголеми нивната мотивација, а и ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес во нашата држава.

Од Владата информираат дека согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Од Владата информираа дека се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година.