Визуелни артисти од утре ќе го осветлуваат Скопје преку „Skopje Light Art District“

Артисти од Македонија, Полска, Австрија, Франција, Финска, Словенија, Романија… се вклучени во четвртото издание на фестивалот на светлината „Skopje Light Art District“, кој ќе се одржува четири денови – од 8 до 11 септември.

Главната тема на ова издание ќе биде Сонцето како непресушен извор на светлина и бесконечен извор на енергија.

Фестивалот во главниот град е поставен на 15 локации, со над 25 уметници и изведувачи кои со своите изложби, перформанси и видео арт ќе го осветлат Скопје, почнувајќи од Шалтер сала/Пошта 2.

Замислената рута на движење ќе продолжи по кејот на реката Вардар, парк Франкофонија, зградата на МЦМ и Градскиот парк. Патеката може да се симне преку посебна апликација, а потоа да се следи на мапа додека се движите од инсталација до инсталација, кои се обележани со бројки.

На програмата, меѓу другото, е „Лифт до Сонцето“ на Македонецот Емил Петро, инсталација на главната зграда на Пошта. Во шалтер сала на Македонска пошта ќе има звучна и светлосна исталација на Александра Стратимировиќ и Леонел Каплан, Французинот Метју Терсју  ќе постави „Стелариум“, поетска и интерактивна инстлација кај плочник кај „Агромеханика“, додека „Mutual Loop“ од Австрија е најавен со светлосна инсталација во лавиринтот во Градски парк.

Во Градски парк всушност ќе бидат голем дел од инсталациите, како таа на словенскиот уметник „Тилен Сепич“- „Светлосен осцилатор“, потоа „Магична градина“ на Кари Кола од Финска, или „Допри ја светлината“ на македонскиот визуелен уметник Борис Петровски.

На „Љумфер брдо“ во скопскиот парк е најавена и т.н. „чил зона“, каде секој фестивалски ден од 21 часот до полноќ ќе има различна музичка програма.