Вистиномер: Македонија од ЕУ доби датум, ама и услови

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање на тридневниот РОС-РОТ семинар посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан, кој се одржува во Собранието на Република Македонија, ја даде и следната изјава која ја сметаме за полувистина:

Дозволете на почетокот да споделам огромно задоволство за вчерашната одлука за добивање на датум за преговори со ЕУ, јуни 2019 година.Сакам да им честитам и на делегацијата на Албанија кои што исто така добија датум заедно со Македонија…

[Извор: Веб-страница на Владата (од 1,20 до 1,40 мин.од видеото), датум: 27.06.2018]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на претседателот на Владата Зоран Заев, во која тој го искажува своето огромно задоволство од „одлуката за добивање датум за преговори со Европската унија во јуни 2019 година“, е делумно точна, бидејки Македонија доби условен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Советот на министри на ЕУ ваквата одлука ја услови со одржување на реформскиот курс и притоа очекува фокусот да биде ставен на реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби.

Фото: Принтскрин од документот усвоен на Советот на министри на ЕУ

Како што може да се види во Документот усвоен по долгата дебата на состанокот на Советот на министри на ЕУ во Луксембруг (26.06.2018), е наведено:

Со оглед на напредокот, особено во спроведување на договорот од Пржино, итните реформски приоритети и позитивниот импулс создаден со договорот со Грција за името, Советот се согласува позитивно да одговори на горенаведениот напредок направен од страна на поранешната југословенска Република Македонија и го поставува патот кон отворање на пристапни преговори во јуни 2019 година. Според тоа, Советот ја нагласува критичната потреба БЈРМ да продолжи со конкретен напредок околу итните реформски приоритети и да даде понатамошни опипливи резултати во борбата против корупцијата и одржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски импулс. За таа цел, Советот ја повикува Комисијата внимателно да ги следи горенаведените реформски напори на поранешната југословенска Република Македонија и да го процени напредокот врз основа на годишниот извештај на Комисијата.

Советот потсетува дека одлуката за отпочнување на преговори за пристапување со поранешна југословенска Република Македонија ќе биде предмет на завршување на националните парламентарни процедури и на одобрувањето од страна на Европскиот совет, по што брзо ќе следи првата меѓувладина конференција до крајот на 2019 година, зависно од постигнатиот напредок. Советот нагласува дека оваа проценка на напредокот треба да вклучи дополнителни видливи и одржливи резултати, фокусирајќи се особено на: 

-судските реформи и проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително на високо ниво;

-реформа на разузнавачките и безбедносните служби;

-реформа на јавната администрација.

Советот ја зема предвид намерата на Комисијата да почне со потребната подготвителна работа.

Така што, изјавата на премиерот Заев дека „Македоинија добила датум за преговори со ЕУ“, ја сметаме за полувистина. Иако, неспорен е фактот дека со условениот датум за отпочнување на преговорите идната година, на земјата ѝ е отворен патот за ЕУ, и тоа несомнено е крупен чекор по стоењето во место цели 13 години.

ИЗВОРИ:
Влада на РМ (27.06.2018): Премиерот Заев на РОС-РОТ семинарот во Собранието на Република Македонија: Продолжуваме да работиме со надеж за успех и стабилност, како на Македонија, така и на целиот регион [Пристапено на: 28.06.2018]
Мета (27.06.2018): Македонија доби условен датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019 година [Пристапено на: 28.06.2018]
МКД (27.06.2018): Што пишува во заклучокот на ЕУ за Македонија?[Пристапено на: 28.06.2018]
Тајм.мк (27.06.2018): Заев: Грција и Бугарија се изборија за Македонија [Пристапено на: 28.06.2018]
Тајм.мк (27.06.2018): Заев: Датумотот за преговори е мотивирачка одлука за Македонија [Пристапено на: 28.06.2018]

Извор: Вистиномер