Високите потпетици на работа се неопходни, вели јапонскиот министер за здравство и труд

Јапонскиот министер за здравство и труд ги бранеше работните места на кои се бара од жените да носат високи потпетици, тврдејќи дека тоа е “неопходно и соодветно” откако беше покрената петиција против оваа практика.

Забелешката дојде кога министерот Такуми Немото беше замолен да даде коментар за петицијата која ја започнаа група жени кои сакаат Владата да ја забрани праксата на одредени работните места да им се наложува на жените што бараат работа и на вработените да носат високи потпетици.

„Тоа е општествено прифатено, како нешто што спаѓа во сферата на професионално неопходно и соодветно”, изјави Немото, пренесува Гардијан.

Петицијата беше поднесена до Министерството за труд во вторникот. Кампањата е наречена “#KuToo”, која е игра на зборови од јапонските “kutsu”, што значи чевли и “kutsuu”, што значи “болка”. Истовремено е инспирирано од глобалното движење #MeToo против сексуалната злоупотреба.

Кампањата ја започна актерката и писателка Јуми Ишикава која брзо доби поддршка од илјадници луѓе онлајн. Поддржувачите на петицијата укажуваат дека носењето високи потпетици во Јапонија е речиси задолжително кога се бара работа или се оди на работа во многу јапонски компании.

Во 2015 година, директорот на филмскиот фестивал во Кан се извини откако на жените им беше забранет пристапот до црвениот килим поради тоа што не носеле високи потпетици. Но, Кан го остави кодексот за облекување, и покрај протестот на холивудската ѕвезда Џулија Робертс, која следната година одеше боса.