Видеоигра која симулира пукање во училиште повлечена по бурни реакции од јавноста

Видеоигра која им дозволува на играчите да симулираат пукање во училиште требаше неделава да биде објавена на „Steam“, најголемата платформа за купување и продавање на игри за компјутери. Но, компанијата што ја води платформата, „Valve Corporation“, информира дека играта е повлечена по бројните негативни реакции.

„Active Shooter“, од компанијата „Revived Games“ наиде на коментари од преживеаните од пукањето во училиштето во Паркланд, Флорида.

Портпаролот на платформата соопшти дека веќе ја повлекле играта од нивнатата страница.

„Креаторот на играта е лице кое се нарекува Ата Бердиев, кој претходно беше отстранет минатата есен кога делувал како „[bc]Interactive” и „Elusive Team”. Ата е трол, со историја на злоупотреба на клиентите, објавување материјал заштитен со авторски права, и манипулација на корисничките прегледи. Неговото подоцнежно враќање под нови бизнис имиња беше факт што излезе на виделина додека ја испитувавме контроверзата околу неговото претстојно дело. Ние нема да правиме бизнис со луѓе кои се однесуваат вака кон нашите клиенти или Valve“.

Играта ви дозволува да изберете дали ќе го сопрете пукањето во училиштето или ќе бидете напаѓачот.

Видеото за промоција на играта прикажува како напаѓачот трча низ училишните ходници и училници додека убива, со огнено оружје и гранати, полициски службеници и цивили, за што добива поени.

Креаторот на „Active Shooter“ ја бранеше својата игра велејќи дека можеби ќе ја тргне улогата на напаѓач, доколку не може да се задржи играта во оваа форма. Исто така, тој ја правда играта велејќи дека има многу полоши игри и дека „не промовира никакво насилство, особено не масовно пукање“.