[Видео] Во Норвешка отворен првиот подводен ресторан во Европа

Првиот европски подводен ресторан вчера беше отворен во Норвешка, во кој веќе се направени повеќе од 7.000 резервации по цена од 380 евра по лице.

Ресторанот, кој се наоѓа на јужното крајбрежје на скандинавската земја се наоѓа во Северното Море и е наречен „Андер“, што на норвешки значи „чудо“.

Дизајниран е од архитектонската компанија Сноета, која ја има изработено и Операта во Осло, како и Меморијалниот музеј за 11 Септември во Њујорк.

Влезот во „Андер“ првично изгледа како влез во сауна, со дрвени стебла кои го покриваат горниот дел, но осум метарските скали надолу водат кон голема ресторанска сала опкружена со огромни прозорци преку кои се гледа морето, во која можат да се примат 40 гости.

Сопственичката на Сноета, Кјетил Тредал Торсен, вели дека конструкцијата може да поднесе временски непогоди и е обликувана на таков начин што може да издржи огромни бранови.

Влезот на ресторанот – Фото: Snøhetta/MIR

Ресторанот е направен така што има минимални рефлексии во стаклените ѕидови, со што просторијата се полни со природно светло за време на денот, филтрирано низ зеленкастата боја на водата.

Целосно мени, во кое се вклучени локални состојки и морска храна, достига цена до 380 евра по лице.

Низ светот постојат само неколку подводни ресторани, најчесто во тропските мориња како на Малдивите, во Индискиот Океан.