[Видео] Студенти протестираа во Техеран поради лагите на власта за срушениот украински авион

Стотици демонстранти синоќа излегоа на улиците на главниот град на Иран, Техеран, револтирани на властите, прозивајќи ги дека лажеле со првичните тврдења дека не го срушиле украинскиот патнички авион.

Протестите се одржале пред најмалку два универзитети, а Би-Би-Си пренесува дека на собирите бил употребен солзавец.

Иран вчера призна дека по грешка го срушиле авионот во кој загинаа 176 луѓе.

Според медиумските информации, студентите одржале собири за да изразат почит за жртвите, но во ноќните часови граѓаните почнале да изразуваат револт кон властите.

Според новинската агенција Фарс, која е една од ретките кои информирале од протестите, околу илјада луѓе извикувале пароли против лидерите на Иран и кинеле слики од иранскиот командант Солејмани, кој беше убиен во бомбардирање на американската војска во Багдад, Ирак.

Студентите повикале на кривична одговорност за одговорните за рушењето на авионот, а на протестите можеле да се чујат извици како „оставка за врховниот командант“, мислејќи на врховниот лидер Али Хамнеи, како и извици „смрт за лажговците“.

Според Фарс, полицијата ги растурила демонстрациите, а според снимки на социјални мрежи бил употребен и солзавец.

Бес кон постапките на власта имало и на социјалните мрежи.

Вчерашните демонстрации сепак биле многу помали отколку масовните протести низ Иран по убиството на Солејмани.