[Видео] „Слобода е кога самата одлучуваш“ – Кампања на ХЕРА за придобивките од новиот Закон за прекинување на бременоста

Со повеќе анимирани видеа и информативни постери кои ќе бидат дистрибуирани низ здравствените установи, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА од денеска ја стартува кампањата „Слобода е кога самата одлучуваш“ за подигање на свеста за придобивките што ги носи неодамна усвоениот Закон за прекинување на бременоста.

Од ХЕРА соопштуваат дека кампањата ќе информира за позитивните законски промени кои, во споредба со претходниот закон, но и со последните случувања во регионот и пошироко, значително ја унапредуваат репродуктивната слобода кај нас.

Со укинувањето на пристрасното советување и на тридневното чекање, кои досега беа задолжителни и токму затоа понекогаш и животозагрозувачки, добросостојбата на жената повторно е на прво место. Новиот закон предвидува воведување на медикаментозниот абортус (т.е. абортус со лекови) како уште една безбедна опција за прекинување на раната бременост, и тоа не само во болниците туку и во соодветно опремените гинеколошки ординации на примарно ниво, со што ќе се зголеми пристапноста до оваа здравствена услуга низ целата земја.

Со поместувањето на Првостепената комисија, одлуката за абортус до 22-та недела од бременоста ќе биде исклучиво одлука на жената која повеќе нема ниту да мора да прибира документи од надлежните институции во случај на неочекувани социјално-економски околности или кога бременоста е последица на сексуално насилство.

Доследното спроведување на Законот за прекинување на бременоста, во чие изготвување учествуваше и ХЕРА, како една од претставничките на  Платформата за родова еднаквост, подразбира и подготовка на клиничко упатство за безбеден абортус, вклучувајќи го и медикаментозниот абортус, како и регистрирање на лековите за медикаментозен абортус.

Од ХЕРА посочуваат дека само со обезбедување квалитетна и достапна абортусна грижа ќе се намали стапката на нелегални абортуси, а репродуктивниот живот на жените, мажите и семејствата ќе стане безбеден и слободен.