[Видео] Реклама на Жилет против „токсичната машкост“ наиде на голем револт

Компанијата Жилет е под жестока критика од активистите за правата на мажите и десничарските медиуми откако објавија нова видео реклама со коja се вклучуваат во кампањата #МеТоо.

Играјќи со нивниот главен слоган „Најдоброто што мажите можат“, компанијата која изработува продукти за бричење, во рекламниот спот го поставува прашањето „Дали ова е најдоброто што мажите можат?“.

Видеото прикажува новински клипови од известувањата за #МеТоо, како и снимки кои го прикажуваат сексизмот во филмовите, бизнисите и насилството меѓу момчињата, додека во позадина глас испраќа порака: „Булинг, движењето против сексуалното вознемирување, токсичната машкост, дали ова е најдоброто што мажите можат?“.

Спотот кој трае скоро две минути прикажува и мажи кои интервенираат за да спречат тепачки меѓу момчиња и ги повикува сите мажи да реагираат кога ќе забележат сексуално непристојни постапки кон жените на улиците.

„Веруваме во најдоброто кај мажите – да ги кажат правите нешта, да дејствуваат на прав начин. Некои веќе сè тоа, на мали или големи начини. Но, некои не е доволно. Бидејќи момчињата кои денеска гледаат се мажите на утрешнината“, вели пораката.

Рекламниот спот предизвика жестока дебата и многу критики на социјалните мрежи и медиумите.

Десничарскиот магазин Њу Американ ја нападна пораката со образложение дека „отсликува многу погрешни претпоставки“.

Други критикуваа дека видеото имплицира дека најголемиот дел мажи се сексуални вознемирувачи или насилници, дека пораките се претставување „морална надмоќ“ од компанија која не се грижи за ова прашање и дека рекламата е насочена кон „критикување на машкоста“.

Рекламата објавена во неделата, на Јутјуб има 8.500 лајкови и 83.000 дислајкови, додека голем број корисници во коментарите напоменале дека никогаш повеќе нема да купат брич од компанијата Жилет.

Режисерка на рекламата е Ким Гериг, која ја изработила и кампањата „Вива Ла Вулва“ во 2015 година за шведскиот бренд на хигиенски производи Либрес. Дел од јавноста реагирала и поради тоа што жена го работела рекламниот спот.

Сепак дел од јавноста ја пофалиле рекламата, посочувајќи дека револтот само покажува колку се важни ваквиот вид кампањи против „токсичната машкост“.

Од Жилет, кои се во сопственост на гигантот Проктер и Гембл, соопштиле дека рекламата е дел од широка иницијатива на компанијата да промовира „позитивна, достижна, инклузивна и здрава верзија на она што значи да се биде маж“.

„Од денес натаму се залагаме активно да се справуваме со стереотипите и очекувањата околу тоа што значи да се биде маж секаде каде што го гледате Жилет. Во рекламите кои ги емитуваме, сликите кои ги објавуваме на социјалните медиуми, во зборовите кои ги бираме и на многу други начини“, велат од компанијата.

Жилет се заложиле и дека ќе донираат 1 милион долари годишно во следните три години на непрофитни организации кои работат на „инспирирање, образование и помош на мажи од сите возрасни групи да станат позитивни примери за следната генерација“.