[Видео] Протести во Тирана поради убиство на момче кое го прекршило полицискиот час

Демонстранти вчера се судрија со полицијата во Тирана на протест кој беше организиран поради убиство на 25-годишно момче кое го прекршило полицискиот час, кој е воведен за сузбивање на ширењето на коронавирусот, пренесува „Данас“. Стотици Албанци вчера протестираа, кршејќи ја забраната за собирање на повеќе од десет лица, фрлајќи камења кон полицајците и кон зградите на Владата, Министерството за внатрешни работи и Собранието.

Тие исто така се обидоа да упаднат во владиниот комплекс каде што се наоѓа канцеларијата на премиерот Еди Рама, но полицијата ги растера употребувајќи солзавец.

Полицијата соопшти дека во судирите биле повредени девет полицајци. Медиумите наведуваат дека исто така, биле повредени новинар и демонстрант, и дека биле оштетени паркирани полициски возила.

Протестите избувнаа откако во вечерните часови во понеделникот, 25-годишниот Клодијан Раша бил убиен со огнено оружје, затоа што не реагирал на наредбата на полицијата да застане. Демонстрантите извикуваа „Рама, оди си“ и „Јас сум Клодијан“, а ја запалија и елката пред седиштето на Владата и потоа ја срушија.

Премиерот Рама пак, се наоѓа во Соединетите Американски Држави, каде вчера се состана со претставниците на компанијата „Фајзер“, во обид да ја обезбеди нивната вакцина.