Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку видео порака порача до граѓаните дека ја разбира нивната загрижености за нивното здравје и за проширување на рестриктивните мерки, но потенцира дека потребно е да се издржи за да се помогне на немоќните и повозрасните.
„Во изминативе 20 години имаме поминато низ многу тешки работи, но, да бидам искрен, ваков смртоносен противник, досега, не сме имале. Пред неколку дена за првпат воведовме вонредна состојба, а завчера, исто така, за прв пат, полициски час на целата територија, каде што полицијата и армијата го контролираат влезот и излезот од сите населени места. Докторите и сестрите, војниците, полицајците и волонтерите се секојдневно на работа. Во одржувањето на стабилноста на системот огромен придонес даваат и вработените во трговијата, транспортот, услужните дејности, кои и покрај критичната состојба остануваат на своите работни места“, посочува Пендаровски во видео пораката.
Тој во обраќањето додава и дека додека целиот свет е во потрага по вакцина и лек, самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот.
„Знам дека ви е тешко, но, мораме да ги сочуваме нашите животи, и да им помогнеме на немоќните и повозрасните. Немаме друга опција во овој период освен да издржиме! Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно, ќе издржиме!“, вели Претседателот.