[Видео] Нова герила-акција на Бенкси – постави штанд на Биеналето во Венеција

Британскиот герила уметник Бенкси на социјалните мрежи објави видео на кое се поставува штанд со негово дело на Биеналето во Венеција и покрај тоа што не бил поканет на настанот.

„Иако е најголемиот и најпрестижниот уметнички настан во светот, поради некаква причина, никогаш не бев поканет“, стои во текстот на објавата на неговиот Инстаграм профил.

На краткото видео е прикажан човек кој го поставува уличен штанд од повеќе слики – масло на платно, кои прават една голема слика на прекуокеански брод сместен во Венецискиот канал. Делото е насловено „Венеција во нафта“ (Venice in oil). Неговата инсталација најверојатно претставува критика за огромниот брод кој има дозвола да плови по венециската лагуна и кој револтира дел од локалните жители.

Откако човекот е отстранет од обезбедувањето, бидејќи немал дозвола за штандот, тој може да се види како ги пакува сликите додека во позадина се гледа закотвениот брод кој е инспирација за делото.