[Видео] Направена досега најдеталната снимка од Сонцето

Турбулентната површина на Сонцето е прикажана со досега најдетални снимки од соларниот телескоп Инуи на Хаваите.

Впечатливите слики откриваат изненадувачка структурираност, скриена во вжештената плазмена надворешност, а првпат во остар фокус ја гледаме претходно мрачната и матна сончева површина.

„Ова се сликите со најголема резолуција од сончевата површина досега“, рече Томас Римеле, директор на проектот за соларниот телескоп Инуи.

„Она за што претходно мислевме дека изгледа како светла точка – како една структура – сега е разложено во многу помали структури“, дополни тој.

Резолуцијата на телескопот е повеќе од двапати поголема од онаа на следните најдобри соларни опсерватории.

Сликите откриваат дека површината на сонцето е прошарана со зрнести структури, како зрна злато, секое големо колку Франција. Столбовите плазма суперзагреани на скоро 6.000 Целзиусови степени, се гледаат како светли точки во центарот на секое зрно – епицентри на жестоките изблици топлина од внатрешноста на сонцето до неговата површина.

Како што плазмата се лади, се враќа назад под површината преку тесни, сенчести канали помеѓу зрната.

Во меѓувреме, соларната сонда „Паркер“ на НАСА врши набљудувања од работ на сончевата атмосфера, а следната недела е лансирањето на мисијата Сончев орбитер, соработка со Европската вселенска агенција и НАСА.