[Видео] Куклата бегалка Малечката Амал го завршува патешествието од 8.000 километри

Џиновската кукла на девојче сириска бегалка, направена со цел да ги симболизира милионите раселени деца, пристигна во Англија, последната дестинација на патешествието низ Европа.

3,5 метарската кукла беше наречена Малечката Амал, име што значи „надеж“ на арапски, беше пречекана на пристаништето Фолкстоун од голем број луѓе, меѓу кои и актерот Џад Лоу.

Малечката Амал помина 8.000 километри низ Европа, поаѓајќи од границата со Сирија, патувајќи низ осум држави.

Нејзиниот потфат го претставува патешествието на кое се принудени голем број млади бегалци за да се соединат со нивните семејства.

Таа го почна патувањето од турско-сириската граница во јули и беше пречекана од илјадници луѓе на нејзините дестинации, меѓу нив и од Папата Франциск во Рим.

Малечката Амал е создадена од „Хендспринг“, компанија која ги правеше куклите за познатата театарска претстава „Воен коњ“.

„Малечката Амал е висока 3,5 метри бидејќи сакавме светот да порасне доволно за да ја пречека. Сакавме таа да не инспирира и да не натера да размислуваме и дејствуваме на пошироко ниво“, објаснува Амир Низар Зуаби, уметничкиот директор на проектот.

Патешествието на Малечката Амал ќе продолжи во Довер, Лондон и Ковентри во Англија, пред да го заврши патувањето во Манчестер на 3-ти ноември.