[Видео] Кичевчани вчера го блокираа магистралниот пат и создадоа колона од четири километри – протестираа поради поскапата струја

Четири километарска колона на магистралниот пат кај Кичево се создаде во текот на вчерашниот ден, откако граѓани го блокираа, односно целосно го успорија сообраќајот. Со возење од 5 до 10 километри на час од раскрсницата за Битола до раскрсницата која води до Осломеј, граѓани со дваесетина автомобили протестираа поради покачувањето на цената на електричната енергија.

Според Зекир Бануши кој учествуваше на акцијата, мирните протести по булевари и плоштади не даваат ефект за да порасне притисокот врз институциите кои треба да реагираат.

„Што побрзо да ги слушаат нашите барања, да не се прават глувонеми. Чекаме што побрзо да реагираат, да не побараат на состанок за да се разговара околу нашите барања. После блокирање на магистрали и автопати, целта е да се радикализираат, да се блокираат и институциите на МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН во Скопје“, посочи Бануши за Радио МОФ.

Kolona e shkaktuar nga bllokimi i rrugës magjistrale Ohër- Kërçovë si rebelim ndaj kompanive energjetike MEPSO ELEM EVN…

Posted by Zeko Arta Banushi on Sunday, 27 September 2020

Протестите против поскапувањето на струјата започнаа пред два месеци, а досега се протестираше низ повеќе градови низ државата. Демонстрантите од протестот кој се одржа на 11 септември во Скопје, порачаа дека немаат намера да се откажат од нивните барања и дека ќе протестираат до крај.

Ваквите настани доаѓаат по одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) струјата да поскапи за 7.4 отсто, односно сега чини 5.9 денари за еден киловат скапа струја. Регулаторите одлуката за поскапување на струјата ја правдаа со загубите на енергетските компании кои настанаа поради пандемијата.