[Видео] Јасно и Гласно: Борба со дезинформации – реалност или празни ветувања?

Во новата епизода на видео дискусијата „Јасно и Гласно“ разговаравме за проблемот со дезинформациите во медиумскиот простор и како може да се подобри медиумската писменост кај граѓаните. Гости во студиото на Радио МОФ беа Деница Чадиковска, новинарка во ИРЛ Македонија, Емилија Петреска Камењарова од ААВМУ и Петрит Сарачини од секторот за односи со јавност на Владата.

Чадиковска посочи дека кога на социјалните мрежи ќе објават одредени изјави на политичари, со кои сакаат да поттикнат дискусија и размислување, често се случува граѓани во реакциите да ги стават во одредени политички табори.

„Тоа е резултат на општата недоверба на граѓаните во медиумите, но ние навистина многу се трудиме – одиме на обуки за проверка на факти и ниедна сторија не е објавена доколку не помине неколку филтри, каде буквално секоја ситница ја проверуваат неколку луѓе“, вели Чадиковска.

Од ААВМУ на почетокот на ноември најавија дека ќе ги објават резултатите од новото истражување за медиумска писменост во Северна Македонија.

„Повеќе од 80 проценти од испитаниците не се подготвени да преземат некоја активност – на пример да поддржат некоја иницијатива на Фејсбук, или да донираат на некоја невладина организација која се залага за она што нив ги засега. Тоа се поврзува со нашата политика за медиумска писменост, каде експертот кој ја правеше, Пауло Челот, дава еден нов концепт за медиумската писменост, кој вели дека инсистирање на развој на критичко размислување се покажува како недоволно, туку треба да одиме кон развој на критичка свесност“, вели Петреска Камењарова.

За влезот на медиумската писменост, Сарачини објасни дека во Владата сè уште се размислува како концептот ќе се внесе во формалното образование – како посебен предмет, во неколку предмети или некој друг пристап.

„Оваа владејачка гарнитура, од самиот почеток, е свесна дека овој концепт мора да влезе во образованието и дека тоа ќе биде едниот столб што ќе создава одговорни граѓани, кои ја разбираат јавноста и сакаат да учествуваат во неа“, додаде Сарачини.

Даниел Евросимоски