[Видео] Достапен за гледање документарниот филм „Виа Динарика – македонската авантура“

Промотивниот документарец „Виа Динарика – македонската авантура“ кој во конкуренција на 180 филмски дела на автори од 40 земји беше избран да го отвори 10-тото јубилејно издание на „ЕХО“ Фестивал на планински филм

Филмот следи четири лични авантуристички приказни испреплетени на Виа Динарика во Северна Македонија, меѓусебно поврзани преку љубовта кон природата, планините, традицијата и страста на овие луѓе да го споделат тоа со светот.

Виа Динарика како културен и авантуристички коридор ги поврзува Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија со цел подобрување на туризмот фокусирајќи се на локалните заедници и нивниот одржлив развој. Препознаена е од дел од највлијателните светски медиуми вклучувајќи ги Lonely Planet, New York Times, Outside Magazine и други и беше прогласена од National Geographic за една од најдобрите 10 светски дестинации за 2017 година.

Документарецот претходно беше промовиран во просториите на Europe House, а неодамна имаше и ТВ премиера на МРТ 1.

„Во ова време на ограничено движење, несигурност и нови предизвици се надеваме дека ќе успее да ве оттргне барем накратко од секојдневието и ќе ви го подигне духот со убавините и потенцијалите на нашата прекрасна земја и можеби ќе нѐ принуди да го преиспитаме начинот на кој го поминуваме слободното време и годишните одмори. Посетувајќи ги овие места им помагаме на локалните заедници, ги негуваме и зачувуваме нашите природни и културни вредности, но истовремено откриваме места за кои повеќето од нас воопшто не знаат дека постојат во близина на нашите домови, додека пак странските туристи ги посетуваат во сѐ поголем број“, велат од екипата.

Продуцент на документарниот филм е Александар Донев, ко-продуцент и директор на фотографија е Самир Љума, режија и монтажа е на Сергеј Георгиев и камера на Андреј Ѓорѓиевски.

Виа Динарика – македонската авантура е продуциран во соработка со Diverse Film Production како дел од активностите на потпроектот „Виа Динарика Северна Македонија” кој е имплементиран од Mustseedonia во рамките на Проектот за Локална и Регионална Конкурентност, финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија и администриран од страна на Светската банка.