[Видео] Дискусија од читалната во „Стив“ – Како до подобри студентски домови?

Ја следите дискусијата „Како до подобри студентски домови?“ на Радио МОФ. Гостуваат студентите Ангел Симов и Слободанка Џотова, Ќенан Сали, од Министерството за образование и наука и Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум. Зборуваме за студентскиот стандард, состојбата во домовите и што треба да се направи за достоинствен живот на студентите кои живеат во студентски дом.

Дискусија – Како до подобри студентски домови?

Ја следите дискусијата „Како до подобри студентски домови?“ на Радио МОФ. Гостуваат студентите Ангел Симов и Слободанка Џотова, Ќенан Сали, од Министерството за образование и наука и Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум. Зборуваме за студентскиот стандард, состојбата во домовите и што треба да се направи за достоинствен живот на студентите кои живеат во студентски дом. * Дискусијата е дел од проектот „Студентски домови без корупција“, финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество -Македонија.

Posted by Радио МОФ on Wednesday, 19 June 2019

„Имаме проблеми со основни потреби кои треба да ги имаме не само како студенти, туку и како човечко суштество“, вели Ангел.

Тој е сместен во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Вели најтешко му било да се навикне да ги дели тоалетите со останатите студенти на спратот. Според него, најголем проблем во неговиот студентски дом е влагата.

Слободанка, пак, првите две години од своите студии ги поминала во стан, но нејзините пријатели ја убедиле дека животот во студентски дом е поевтин и исполнет со дружба. Па така, наредната година се вдомила во студентскиот „Гоце Делчев“, во реновираниот блок Б.

„Се чудев како студентите се жалат, мислев дека преувеличуваат. Но, следната година кога аплицирав во „Гоце“, ме ставија во „Кузман“. Најлоши услови има „Кузман“, на секој спрат има влага“, вели Џотова.

Најголемата препрека зошто студентите не пријавуваат проблеми е стравот, смета таа.

„Студентите се плашат бидејќи мислат дека ќе има последици. Дека ќе ги видат и дека наредна година треба повторно да аплицираат и би можеле да се појават компликации“, појаснува студентката.

„Жалбите не допираат до вработените. Првиот месец се е во најдобар ред и потоа почнуваат да забушаваат“, додаде таа.

Кенан Сали, претставник од Министерството за образование, вели дека годинава имале помал буџет, но оти вршеле притисок да обезбедат повеќе средства за студентите во домовите. Причината за тоа, објаснува Сали, е тоа што во нивниот сектор не влегуваат капиталните инвестиции.

„Мој личен впечаток е дека може да направиме повеќе, но треба да се вклучиме сите. Сега имаме подобра клима, бидејќи и владата се залага. Објаснивме се што сакаме да правиме и ќе видиме што ќе прифатат“, рече тој на дискусијата.

Тој најави дека годинава МОН нема да распише конкурс за вдомување во првиот блок на „Стив Наумов“ поради реновирањето.

Ангел, пак, истакна дека и студентите се делумно криви за условите, бидејќи не реагираат.

„Кога имаме проблеми со тушевите, пријавував и го поправија. Но има и студенти кои не сакаат да слезат до портирна да пријават проблем за да се санира. Ако самите не кажеме што ни смета, што не ни одговара, можеби нема ни институциите“, забележа тој.

Ова го забележала и Мартина Илиевска од Младинскиот образовен форум. Тие неодамна, заедно со студенти станари организираа акции за реновирање на дворовите, читалните, просториите за културно-забавни активности. Но, одзивот бил слаб.

„Не можам да го сфатам проблемот со апатичноста. Несфатливо ми е да живееш во лоши услови и да не се обидеш да смениш нешто. Да ти даде некој одврзани раце да направиш катче кое ќе остане за идните генерации и да не се заинтересирани…“, рече Илиевска.

Според неа, треба да се одвојат повеќе пари за домовите, но и да помогне граѓанскиот сектор онаму каде институциите не можат.

Слободанка не планира да се врати во студентски дом наредната година, најмногу поради условите. Ангел, пак, вели дека кога би можел, прва работа што би ја средил во „Стив Наумов“ е проблемот со влагата, санитарните јазли и инвентарот.

Илиевска потсети дека студентскиот стандард не е само домувањето. Тука е и едукацијата, просториите за слободни активности, спортот, здравството. Но, од сето ова, вели таа, студентите во домовите добиваат многу мал дел.

Ј.Ј.