На Фејсбук се споделува видео на кое се слуша разговор меѓу група ученици и директорот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, Кире Николоски. Според видеото, тој им се обраќа на учениците со зборовите дека би било страшно ако се спроведе платформата на албанските партии и ако се воведе двојазичност на целата територија на државата.
Николоски за Радио МОФ вели дека тој не ги повикувал учениците да излезат на протестите што веќе неколку денови ги организира иницијативата „За заедничка Македонија“, но потврди дека тоа е неговиот глас на снимката.
„На видеото се слуша говор бидејќи јас сум професор по историја, им кажував на децата дека не е добро некој да ги ништи македонските национални интереси, да менува химна, знаме, да воведува двојазичност на цела територија, но не повикував на протест“, изјави тој за Радио МОФ.
„Јас како директор ви велам. Не дај боже да се спроведе она што се кажува за двојазичност на целата држава. Лично на ваши години сум застанал 1989, 1990 година во борба за самостојна Македонија. Ако се случи воведување на двојазичност, менување на химна, на знаме, албански симболи на монети..“, вели Николоски во снимката.
Покрај него, на снимката се слуша и ученичка која му се спротивставува велејќи дека професорите не смеат да протестираат во работно време.
„Директоре срамота е во образовна институција Вие да држите политички говори“, вели ученичката во видеото.
Ова е втор евидентиран случај каде се повикуваат учениците на протести. Пред само една недела во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје ученици тврдеа дека биле ослободени од настава за да излезат на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.
[Видео] Средношколци натерани на бојкот, додека надвор ги чекале новинари за сликање