Бидејќи за се треба знаење, уништувањето на државата почнува со слабеење на знаењето, односно образованието. Кога децата се оптоваруваат со непотребни содржини, преку учебниците им се нудат погрешни дефиниции и збунувачки објаснувања, тие не може да ги развијат потребните знаења. Кога се воспитуваат да бидат послушни и покорни, не може да бидат креативни. А без креативност, не се наоѓаат решенија за проблемите, се вели во новото видео од серијалот „Да ти нацртам“, овој пат на тема „Како се растура држава“.
„Многу е важно да се уништи и системот на вредности според кој вистинските луѓе се поставуваат на вистински места. Кога семејната поврзаност, пријателствата, партиската послушност и полтронството се критериуми за напредок, институциите ќе ги заземат погрешни луѓе. А кога од нив ќе се извади знаењето и способноста, институциите стануваат шупливи како фасади. Одлуките тогаш се носат нестручно и во корист на малкумина. Нормално, послушниците тоа нема да го спречат затоа што знаат како дошле до раководни места“, стои во видеото.