Ветеринарна комора: Строги казни за неодговорните сопственици на кучињата

По немилиот настан во Гостивар, Ветеринарната комора на Република Македонија потенцира дека коренот на проблемот со бездомните кучиња е во неодговорното сопствеништво. Тоа треба да се идентификува и адекватно да се санкционира, за што  се неопходни построги законски прописи и нивна доследна примена со строги санкции за прекршителите, пренесува МИА.

Комората подвлекува и дека досега се третираа само последиците од овој проблем и тоа палијативно и несеопфатно, а повеќето општини воопшто и не ги исполнуваат своите обврски во однос на ова прашање или постапуваат несоодветно и нецелисходно.

„Актуелната ситуација со бездомните кучиња која е резултат на многубројни општествени слабости, социо-економски, менталитетски и цивилизациски и која поради долгогодишното занемарување и маргинализирање на проблемот е крајно загрижувачка и надвор од контрола, што носи сериозни комунални, јавно-здравствени и безбедносни ризици, конечно бара ангажман на целокупната општествена заедница и преиспитување на досегашните модели и постапки. Повикуваме сите инволвирани чинители да пристапат кон сеопфатна анализа на проблемот и изнаоѓање одржливи и системски решенија“, наведува Ветеринарната комора.

Комората ја поздравува владината иницијатива за законски измени, a за сопствеништвото на милениците, потенцира дека одговорно поседување куче претставува ситуација во која сопственикот на животното ги прифаќа и извршува обврските согласно прописите (задолжително чипирање и регистрација, редовна вакцинација против беснило и третман проти ендопаразити), како и ги обезбедува потребите на животното за соодветна исхрана, нега, однесување во околината, спречување ризици како агресија, нанесување повреди, пренесување болести.

„Во рамки на одговорното сопствеништво спаѓа и репродукцијата и со неа поврзаната потреба од стерилизација или кастрација на животното“, дополнува Комората.

Воедно апелира сопствениците да ја извршат својата обврска за чипирање на милениците кое се спроведува бесплатно до 31 март 2019.

Во продолжение, листа на ветеринарни друштва каде бесплатно може да се микрочипираат милениците.