Велосипедистите повикаа на вонредна Критична маса – секој по своја рута и во свое време

Велосипедистите од неформалното здружение „На Точак“ ја повикаа јавноста да се вклучи во малку поразлична, вонредна Критична маса.

Со оглед дека масовни собири не се дозволени поради пандемијата на Ковид-19, од неформалното здружение ги охрабруваат граѓаните во среда (29 април) да се вклучат во акцијата така што на работа би пристигнале на точак, би пазареле користејќи точак и во минималната физичка активност ќе го вклучат возењето точак.

„Ако имате идеја, можете да ни испратите предлог за пешачки или велосипедски простор кој треба да се прошири или воведе кај што го нема. Каде недостига простор за одржување дистанца? Кој е вашиот #ПросторАнтиКорона? Ако немате конкретен предлог, можете да ни испратите едноставна фотографија или видео од вашето возење во среда. Ќе возиме одделно, по различни рути, во различни делови од градот, во различни термини, но ќе креираме заедно поинаква Критична маса“, повикуваат од „На Точак“.

Тие потсетуваат на нивните барања кои ги испратија до надлежните заедно со уште 41 организација за привремено зголемување на велосипедските и пешачките патеки, на сметка на автомобилските.

„Точакот е и најдобра алтернатива за дел од корисниците на јавниот превоз за да ги избегнат гужвите, но и на автомобилите, за да направат нешто за своето здравје“, посочуваат од неформалното здружение.

Според „На Точак“, пандемијата покажала колкав простор од градовите се посветени на автомобилите, за движење и паркирање, наспроти просторот за пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, или како што велат, просторот кој го помага здравјето.

„Да ја израмниме и автомобилската крива преку #ПросторАнтиКорона, возможно е и пожелно е“, апелираат од „На Точак“.