Велешанецот Димче Ацков сака да го прошири своето еко село, почна онлајн кампања за да го оствари сонот

Пред пет години, велешанецот Димче Ацков почна да гради еко-куќи на својата земја во близина на Долно Оризари. Нив ги прави исклучиво од природни и рециклирани материјали и без никакви средства.

Радио МОФ пред две години го посети во селото каде нè запозна со техниката и идејата на овој вид куќи.

Во неговата приказна се вклучува и Верица Зафирова која во февруари покрена онлајн кампања со која сакаат да соберат пари за да можат да ја купат соседната парцела од 2 хектари за како што вели, да ја заживеат осиромашената почва со засадување дрвја, градење нови земјени куќи и да го вратат разновидниот жив свет.

„Оваа област е наменета да остане во наследство на Македонија и Земјата за идните генерации и заедницата. Местото ги штити традициите што го поддржуваат животот, кои потекнуваат од нашите корени и водат кон холистичка иднина“, стои во онлајн кампањата.

„Кај нас владее некој песимизам и однапред ќе те разубедат. Но, кога ќе направиш еколошка куќа тоа е промена и во начинот на живот. Таа не е само живеалиштето. Целата насока ја менуваш за тоа како гледаш на работите“, рече Ацков при нашата претходна посета.

Тој тогаш нè испрати со апел до граѓаните да го направат првиот чекор, да излезат од градот и да размислуваат еколошки, бидејќи како што забележа „веќе немаме друг избор“.

Нивната онлајн кампања е достапна на следниот ЛИНК.