Вечерва на „Синедејс“: Филм, изложба и музика за Влада Дивљан

Втората вечер на фестивалот „Синедејс“ е посветена на Влада Дивљан, фронтменот на српскиот и ексјугословенски рок-бенд „Идоли“. Публиката ќе има можност да гледа музички документарец, изложба и да слуша концерт кои ќе проектираат делови од неговиот живот.

Во кино „Фросина“ од 21 часот  ќе биде прикажан документарецот „Небеска тема“, во режија на Младен Матичевиќ. Во Галеријата на МКЦ, пак, ќе биде отворена изложба на фотографии насловена „Влада“, а концерт ќе има белградската група „Звук улице“ во чија прва постава членуваше и Дивљан.

Документарниот филм премиерно е прикажан во мај годинава. Во него се интервјуирани 30-ина личности, меѓу нив и Дарко Рундек Бајага, Срѓан Гојковиќ Гиле, Душан Којиќ Која….  Тие зборуваат за Дивљан кој почина пред четири години, како и за „Идоли“ која беше меѓу рок-бендовите што го почнаа југословенскиот нов бран на културната сцена во поранешна Југославија во 1980-тите години.

Изложбата „Влада“ ќе биде отворена пред проекцијата на филмот и ќе прикаже фотографии направени од Горанка Матиќ. Тие се за различни фази од животот на Влада Дивљан: од периодот на првиот албум на „Идоли“, првиот белградски концерт во СКЦ, концертот во култниот „Кулушиќ“ во Загреб, во „Дом омладине“ во Белград, проби и фотографии од секојдневието на познатиот музичар. Изложбата ја следи кариерата на Влада Дивљан (1958-2015) заклучно со неговата работа и настапи со „Old Stars Band“. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 16 ноември.

Од 22.30 часот, во МКЦ концерт ќе одржи бендот „Звук улице“ основан во 1976 година во Белград, во чија оригинална постава (гитара, вокал) беше и Дивљан.  Должностите надвор од бендот предизвикале негово расформирање, по што Влада Дивљан и Зденко Колар ги продолжија своите кариери во „Идоли“, каде што по отслужувањето на воениот рок им се придружил и Кокан Поповиќ.

Целата програма е достапна на следниот ЛИНК.