Вечерва на МОТ: „Младина без бог“ од Хрватска и домашната „Бакхи“

Програмата на 44. издание на Младинскиот отворен театар во Скопје денеска продолжува во МКЦ и на малата сцена на НОБ со „Младина без бог“ од Хрватска и домашната „Бакхи“ од Народен театар – Битола.

„Петтата фестивалска вечер почнува во 20 часот во МКЦ. Режисерот Борут Шепаровиќ ја поставува жестоката и предупредувачка „Младина без бог“ која удира во желудник и за која се размислува целиот нареден ден. Претставата покажува стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, антихероите на СТЕМ револуцијата, кои изгубиле вера во Европа и нејзините хуманистички вредности, а веруваат во профит, гејмерската индустрија, сајберуниверзумот и смртта“, информираат од МОТ.

Претставата настанува според мотивите на истоимениот роман на австрискиот книжевник Еден фон Хорват и делото „Херои“ на левичарот, постмарксистички италијански професор по комуникологија Франк Берард, наречен Бифо, кој го отсликува духот на исчашена Европа во која под налет на популизмот и десницата се уништуваат основните начела.

На малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“ со почеток од 22 часот. Меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, „Бакхи“ се издигнува поради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхи-те ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување приказни. Можеме да кажеме дека „Бакхи“ е прапочеток на „метатеатарскиот” текст.

„Овој текст е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото“, доаѓа во облици што не сме спремни да ги прифатиме и да ги препознаеме. Ова не се само „Бакхи“ на Еврипид, ова се и нашите бакхи што знаат дека театарот е најсубверзивното оружје измислено од човечкиот ум“, велат од МОТ.

Во склоп на придружната програма по претставите следува диџеј сет на дуото „Филџан“ (Филип Пајдаков и Џано Куч) во МКЦ. Во 18 часот во Железничката зграда ќе се одржи презентација на завршниот процес од работилницата за специфична локација – Orbis Pictus /„Оди и види“.