Васил Јанкула ќе ја обиколи државата со својот трицикл во чест на лицата со церебрална парализа

Кога младиот Васил Јанкула од Преспа ќе замисли нешто, тоа мора да се оствари. Сигурен во себе и нетрпелив, го чека својот нов најголем предизвик досега – да направи обиколка околу државата со својот трицикл. Но, ова го прави со посебна цел – да ја покрене јавната свест за лицата со церебрална парализа.

Васил има 28 години и досега многупати учествувал на маратони и спортски настани низ државата. Пред само неколку дена учествуваше на Скопскиот маратон каде извози 42 километри. Сега сака да ја заокружи својата најголема тура низ државата за само една недела. Планира дневно да поминува по 75 километри.

„Сакам да покажам дека и ние лицата со посебни потреби можеме да постигнеме повеќе“, вели тој за Радио МОФ.

Неговото патешествие ќе започне во петок од Ресен, по што продолжува кон Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид за на крај повторно да се врати во Ресен.

Него ќе го придружува тренерот Тони Ангеловски, кој ќе внимава на неговата безбедност во текот на патувањето.

Васил со својот тренер Тони Ангеловски (лево)

Подвигот го планирал веќе една година, а физички се подготвува изминативе два-три месеци.

За да ја направи оваа акција добил поддршка од УНДП. Вели планови има многу, но дека е потребно државата да обрати внимание, не само нему, туку и на останатите лица со посебни потреби.

„Долго време барам работа, но за мене немаше, па сакав да докажам дека сум способен да работам“, рече тој.

„Сакам да им докажам на луѓето дека треба да бидат упорни во животот, да не остануваат на пола пат. Јас кога ќе кажам за некоја работа дека ќе ја направам, и ја правам. Дали можам, или не, јас одам до крај додека не ги направам сите чекори“, нè учи младиот Васил.

 

Емилија Петреска