Вакцинираните граѓани имаат повеќе опции да потврдат дека се вакцинирани, велат од Министерството за здравство

На вакцинираните граѓани на располаѓање им се ставени повеќе опции со кои може лесно да стигнат до документ дека се вакцинирани, објаснуваат од Министерството за здравство (МЗ), откако вчера во угостителски објекти или на други настани каде има повеќе од 30 луѓе е дозволен влез само за вакцинирани граѓани, со една или две дози, или граѓани кои прележале Ковид-19 пред 45 дена.

Како што објаснуваат од МЗ, потврдата за прележан Ковид-19, може да ја извадат единствено граѓани кои се заведени во Иинститутот за јавно здравје (ИЈЗ) дека биле заразени со вирусот, а потврди освен на vakcinacija.mk, може да извадат и кај својот матичен лекар.

Националниот сертификат за вакцинација, како што додаваат од МЗ, исто така може да се извади од сопствениот профил на веб-страницата vakcinacija.mk, а сличен е принципот и за вадење на ‘CommonPass’, за кој има и мобилна апликација, а со која исто така може да влезат во објектите опфатени со мерките.

Од Министерството апелираа и ги повикаа граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што објаснуваат, вакцинацијата е единствен начин да се постигне колективен имунитет. Мерките кои се на сила од вчера пак, велат дека не се никаква дискриминација, туку дека тие се неопходни за да се заштити јавното здравје.